Фудбал
6. October 2015 - 15:26

ФФМ бара трпение- За добри резултати треба време

Попладнево во Тренинг центарот на ФФМ се одржа краток брифинг со новинарите на кој отворено се разговараше за резултатската криза на македонската фудбалска репрезентација но и други активности и проблеми во македонскиот фудбал со цел да дојдат подобри денови за најпопуларниот спорт во земјата. 

Претседателот Илчо Ѓорѓиоски со своите соработници Саша Ќириќ и Зоран Стратев побараа трпение од јавноста во однос на резултатите бидејќи тоа е процес и сигурно ќе поминат години додека Македонија да се пласира на големо натпреварување:
„Кога дојдов за претседател, на мојот прв меч со Хрватска во Загреб, разговарав со Сребриќ (долгогодишен ген-сек на ХНС-н.з.), прво што ми посочи е дека во оваа работа, се што се смета се резултатите на А-тимот. Сега од оваа перспектива сето тоа е точно. Јас ги знаев состојбите кога доаѓав, вложивме максимум за да создадеме услови, да направиме млади категории, програми... Акцент беше насочен таму. Белгија 12 години ја чекале оваа генерација да стигне до тука. Ставиле акцент на тоа. Јас очекував да имаме ваква дупка, ваков пад. Оваа работа со млади не се прави преку ноќ. Свесен сум дека во моментов сме слаби, лоши резултати и никој не е задоволен. Најмалку фудбалерите, и на нив кариерата им зависи. Јас сум убеден дека секој ќе даде сѐ од себе за да се поправи. Ние сме сервис на сите селекции, се трудиме да им ги овозможиме најдобрите услови, услови кои до сега ги нема – подготовки, мечеви, софистицирана опрема, буквално сѐ за тренинг. Сепак, базата е во клубовите и се трудиме да направиме соработка со нив, добро да се работи во младинските категории во клубовите. Тој процес е долг - сѐ си треба време, си бара трпение...“, рече Ѓорѓиоски. 
Од ФФМ најавија за кратко време старт на Мултимедијална телевизија на која ќе може со помош на сајтот на федерацијата да се следат во живо сите средби од Првата и Втората МФЛ а ќе биде реализирана и емисија  на која ќе бидат анализирани сите спорни моменти од страна на стручни лица на Судиската организација  како и учество на навивачите и новинарите  за влез на транспарентноста  што сигурно ќе придонесе за порегуларно првенство. 
Акцент беше ставен и на безбедноста на нашите стадиони а претседателот Ѓорѓиоски апелираше до медиумите да се исфрли говорот на омраза бидејќи тоа може многу штетно да влијае не само врз фудбалот туку и воопшто на политичката состојба во Македонија.