Македонија
19. October 2018 - 16:21

Палмер и Хан побараа партиите да го стават државниот интерес пред партискиот и да гласаат за уставни измени

Лидерството на ВМРО-ДПМНЕ да ги ослободи пратениците за да можат да гласаат без страв од закани. Американскиот заменик-помошник државен секретар Метју Палмер од безбедносниот форум во Белград порачува. Нема да добиете подобар договор.

„ Историскиот договор од Преспа ѝ ги отвори вратите за европската иднина на Македонија. Нема алтернатива. Нема Преспа плус. Нема подобар договор од овој“ – вели Палмер без да прецизира дали неговата посета на Македонија идната недела ќе влијае на гласањето во Собранието.

Со порака преку социјалните мрежи се огласи и еврокомесарот Хан. Тој се надева дека сите пратеници ќе дадат поддршка за измени на Уставот.
 – Ова се одлучувачки денови за Македонија. Пратениците ќе гласаат за историскиот Преспански договор што ги отвора вратите на земјата за евороатлантската интеграција. Ова е гласање за иднината на земјата и позитивните перспективи за граѓаните.

Јас сум уверен дека пратениците од сите политички партии се свесни за огромната можност и одговорност со која се соочуваат денес. Сега е време да ги стават настрана партиските интереси и да дејствуваат во интерес на земјата и нејзиниот народ“ – пишува Хан на Твитер.

Претходно и американскиот државен секретар Вес Мичел преку писмо побара од опозицискиот лидер Мицкоски да даде поддршка на уставните измени. Мицкоски одби, образложувајќи дека неговата партија ќе го следи ставот на граѓаните кои го бојкотираа референдумот.

Александар Спасовски – Сител Телевизија