Македонија
15. јуни 2019 - 14:20

Тимоние: Претстои суштинска работа за да се подготви земјата да ги води преговорите

 Треба да бидеме јасни. Франција ја поддржува Северна Македонија, Франсоа Лафон е експерт кој помага на тој пат и работи во Кабинетот на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. Претстои вистинска, суштинска работа за да се подготви земјата да ги води преговорите, што ќе значат внатрешни чекори што треба да се спроведат. Знам дека тоа сите и го очекуваат и често пати сме се осврнувале во Брисел и сме зборувале за внатрешните реформи што се спроведуваат. Не треба целокупниот товар за реформите да почива врз Брисел. Вие ја имате нашата помош, но вистинската работа треба да се направи овде, со вистинска мобилизација на целото општество и затоа на сите сакам да ви кажам браво.

Ова денеска го истакна францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на отворањето на меѓународната конференција „Од партнерство до членство: Северна Македонија и француско-германската перспектива“ во организација на Европското движење и Фондацијата Конрад Аденауер.

– Постои едногласна поддршка кај сите политички партии за отворање на преговорите за членство, и кај десницата и левицата. Истото барање постои кое јас го добивам секојднево, а тоа е кога ќе ги отвориме преговорите. За нас поглавјата 23 и 24 се јадрото на нашата иднина. Во однос на владеењето на правото, постои едногласно размислување во македонското општество и затоа ние овде не зборуваме за дебата, туку за конкретни барања, посочи Тимоние.

Тој се осврна на француската идеја за Европа и зборуваше за француско-германскиот мотор кој, како што рече, ја влече Унијата напред.

Францускиот амбасадор најави дека утре во Преспа ќе присуствува на одбележувањето на првата годишнината од потпишувањето на Договорот кој, како што рече, носи огромна надеж и го поддржуваме.

Претседателката на Европското движење, Милева Ѓуровска рече дека сега е моментот да се зборува за европските интеграции. Најави дека на коференцијата ќе зборуваат за перспективите на нашата држава во однос на, како што рече, многу блиската перспектива што ја очекуваме.

– Единственото прашање што ние вчера и денес го диксутиравме ќе биде добивањето датум за членство во ЕУ. Но, искрено се надевам дека нема да останеме само на тоа прашање, рече Ѓуровска.