Македонија
26. November 2019 - 8:49

Излезе од печат третата стихозбирка „Отвори ги очите“ на Љупка Антеска

Третата стихозбирката на Љупка Антеска со наслов  „Отвори ги очите“ деновиве излезе од печат. Во книгата на седумдесетина страници се поместени стихови во три циклуси: „Поезијо, остави ме“, „Љубов потпрена на патерици“ и „(Мо)ментални (за)белешки“.

– „Отвори ги очите“ е книга пожелна за читање, затоа што знае да ја одмери метафоричноста и асоцијативноста на исказот, кои одат по границите на алузивноста во еден контекст кој е доволно достапен и отворен за да се согледа и дискретниот предмет на алузиите и асоцијациите. Само треба, нели, да се отворат очите, како што сугестивно кажува и самиот наслов на книгата, кој пак е актуализација на еден фразеологизам или израз што го употребуваме често и во секојдневната говорна практика. Но, поместен во поетска констелација, овој израз добива едно посуптилно значење, повикувајќи на повисок сензибилитет (чувствителност) на визуелната, емотивната и менталната перцепција на читателот, пишува во освртот за книгата, академик Катица Ќулавкова, критичар, есеист, поет, раскажувач.

За новото дело, авторката вели дека станува збор за песни кои се гласни и храбри, а допираат теми како: отуѓеноста на човекот, парадоксите на модерното време, моќта на поезијата, болните загуби, но и малите радости во нашите животи, љубовта.

Книгата е во издание на Здружението за култура Слово 21. Планирано е да биде промовирана во декември.

Антеска живее и работи во Гостивар, како новинар. Автор е на стихозбирките: „Денодение“ (2012) и „Лек за времето“(2015).