Свет
16. May 2016 - 13:15

Апсења во Иран поради објавени фотографии на Инстаграм без хиџаб

Осум лица се уапсени бидејќи на Инстаграм објавувале фотографии кои не се согласно исламските правила, вклучувајќи и фотографии на кои жените се без хиџаб, соопшти Судот за кибер криминал во Техеран.

Апсењата се извршени по двегодишна истрага под името „Пајак 2“, а на мета се најдоа и фотомодели поради поставување фотографии со пуштена коса, што е забрането за жените во јавност уште од Исламската револуција во 1979 година.

Според судскиот извештај, за време на операцијата биле идентификувани 170 лица кои учествувале во креирањето и објавувањето на фотографии на Инстаграм, меѓу кои 59 фотографи и шминкери, 58 фотомодели, 53 менаџери и работници во модни студија.

- Откривме дека околу 20 отсто од фотографиите на Инстаграм од Иран ги поставуваат луѓе од модните кругови, изјави претставникот на судот Џавад Бабаеи.

Тој истакна дека нивна должност е да им се „спротивстават на оние кои на организиран начин шират неморал, неисламска култура и промискуитет“.

Инстаграмот е исклучително популарен во Иран, бидејќи е достапен за сите граѓани, за разлика од Фејсбук, Твитер и Јутјуб, кои се блокирани.