Македонија
7. April 2023 - 14:48

Бектеши: Мерките кои ги носи Владата почнаа да го даваат својот резултат, има намалување на инфлацијата

Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека има намалување на инфлацијата споредбено со претходните месеци и најголемо намалување во споредба со ланскиот октомври кога генерално почнаа да се зголемуваат цените во нашата држава и на прехранбените производи и на енергенсите, оцени денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

- Инфлацијата во споредба со истиот месец од претходната година е 14,7 отсто и има 2 проценти намалување ако ја споредиме со февруари. Најважно е дека има намалување во делот на транспортот и во делот на храната што значи дека мерките кои ги носи Владата почнале да го даваат својот резултат, рече Бектеши во изјава по состанокот со увозниците на овошје и зеленчук во Министерството за економија.