Македонија
16. јуни 2016 - 13:24

Филмот „Кружно патување на Марето“ награден на фестивал во Нингбо

Филмовите „Кружно патување на Марето“ на Жарко Иванов од Македонија и „Недопрени од Сонцето“ на Андро Мартиновиќ од Црна Гора се наградени на Фестивалот на кинематографиите на Централна и Источна Европа во Нингбо.

Интернационално жири составено од водечки личности од кинеската кинематографија и професори од неколку европски универзитети додели награди на осум филмови во разни категории и жанрови. 

По успешните изданија во Париз и Берлин, фестивалот на кинематографиите на Централна и Источна Европа во Нингбо 2016 првпат се одржува во Кина, во организација на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – Скопје и Музејот на уметностите на Нингбо. Објавени беа поголем број на информации во водечките кинески медиуми, а 50-тина филмови од 16 држави од регионот беа прикажани повеќе пати, во неколку кино сали во Нингбо.

Овој фестивал ќе биде традиционален и ќе се одржува секоја година во јуни, за време на самитот China-CEEC EXPO, што го организира кинеската влада со зејмите од Централна и Источна Европа.