Македонија
13. October 2017 - 15:11

Фити: Настојуваме да ги исполниме пораките на првиот претседател на МАНУ

 Настојуваме да ја исполниме пораката на Блаже Конески - дека институција како што е МАНУ има смисла да постои само ако во неа членуваат луѓе со висок дигнитет и кои се подготвени да продуцираат високи културни вредности. Тој своевремено укажа и дека има нешто свечено во Академијата, така што ние ја комбинираме работната функција на МАНУ, но настојуваме да го сочуваме и нејзиниот репрезентативен карактер. Мислам дека прилично успеваме во тоа, истакна претседателот на МАНУ Таки Фити на отворањето на свечениот собир посветен на нејзиниот прв претседател.

Ја потенцираше заслугата на Конески за афирмација на македонскиот јазик. - Таа е многу голема бидејќи за релативно краток период успеа толку многу да го развие што за 10-15 години македонскиот стана рамноправен јазик во големото семејство словенски јазици, рече Фити.

На собирот за Конески, кој МАНУ го организираше по повод 50 години од своето постоење, тројца македонисти странци - Кристина Крамер од Канада, Виктор Фридман од САД и Зузана Тополињска од Полска, раскажаа спомени од првата средба со Конески и за неговото влијание во нивните кариери на лингвисти.

За Крамер, која е професор на Универзитетрот во Торонто, Конески не бил само најистакнат македонски интелектуалец со меѓународна репутација, туку и великодушен учител кој и ја отстапил и својата канцеларија за работа во Институтот за македонски јазик додека била на специјализација во 1981/1982 година. Го нарече лингвист со срце, поет со ум на јазичар и мераклија на анегдоти. Зачудена е што има напаѓачи на неговата личност и дело  и рече: Загатка и трагедија е да се напаѓа толку голем човек во олку мала земја. 

Академик Тополињска рече дека нивното пријателство траело 30 години, од првата средба на семинар во Сплит во 1958 година. Токму Конески и помогнал да се пресели од Полска во Македонија со намера да студира македонски јазик. И овозможил да биде визитинг-професор со што, рече, и дал можност првпат да работи со студенти и да ги унапреди полонистичките студии на Скопскиот универзитет. 

- Ги читав, ги студирав неговите лингвистички трудови. Ме фасцинираше дека во фокус на неговиот интерес секогаш е човекот во врска со неговиот јазик. Тој човекот го карактеризираше преку јазикот и обратно, рече Тополињска. 

Виктор Фридман, професор на Универзитетот во Чикаго, се сеќава на Конески како на човек кој секогаш љубезно му одговорал на сите прашања. Го третирал како колега и кога имал 21 година кога првпат во 1971 дошол на Семинарот за македонски јазик во Охрид. Нивниот однос, рече, низ годините прераснал од ментор - студент во пријателски и колегијален. 

- Конески е пример како науката се штити од политиката, рече Фридман раскажувајќи за тоа како Конески успеал да го организира престојот на лингвистот Хорас Лант од Универзитетот Харвард во 1951 година, време кога било тешко, рече Фридман, некој американски научник да дојде во тогашна Југославија. Некои негирања дека македонскиот јазик е словенски, пак, Фридман ги нарече заблуда што може да се спореди со идејата дека Земјата е рамна.

Академик Милан Ѓурчинов, кој зборуваше за  поетското дело на Блаже Конески, рече дека иако отпрвин имале различни ставови по некои литерарни прашања, во последната деценија од животот на Блаже станале блиски пријатели и имале идентични погледи по низа прашања од национален карактер.

- Блаже Конески е единствената личност во нашата историја за цело едно столетие. И по 25 години од нејзината смрт, таа личност не само што не е достигната, туку не е ни добро сфатена, рече академик Ѓурчинов на свечениот собир во МАНУ посветен на Блаже Конески (1921-1993).