Свет
2. May 2024 - 8:28

При уривање на автопат во јужна Кина загинаа 36 лица

Уривање на дел од автопат во кинеската провинција Гуангдонг предизвика пад на повеќе возила, при што загинаа 36 лица, а 30 беа повредени, јавија денеска државните медиуми, во моменти кога милиони Кинези патуваат за празникот Први мај.

Уривањето, предизвикано најверојатно од пороен дожд, се случи во средата околу 02:10 часот на автопатот Меиџоу-Дабу, јави новинската агенција Синхуа, додавајќи дека урнатиот дел бил долг 17,9 метри и предизвикал пад на 23 возила.

Меиџоу е една од областите во Гуангдонг во јужна Кина, што е силно погодена од поројни дождови и град од крајот на април, што предизвикаа опасни лизгања на земјиштето, поплавени куќи и уништени мостови.

Причината за несреќата се истражува.