Македонија
9. May 2024 - 12:22

Пристигнаа првите честитики за изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска

Голем број политичари од регионот и Европа упатија честитки до професорката Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ за победата на синоќешните двојни избори.

Српскиот претседател Александар Вучиќ напиша прв.

И честитам на Гордана Силјановска Давкова за изборот за претседател на Македонија и ѝ посакувам успешно да ја извршува одговорната должност што ја презема. Убеден сум дека ќе продолжиме да работиме заедно за зајакнување на врските меѓу Србија и Македонија за таа цел на напредокот и благосостојбата на нашиот народ, како и на просперитетот на целиот регион“, пишува Вучиќ.

Веднаш по него, честита и Унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Им честитаме на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Гордана Силјановски-Давкова за заслужената и историска победа на денешните претседателски и парламентарни избори во  Македонија. Со нетрпение очекувам да работиме заедно за да дадеме нов поттик на процесот на пристапување на Македонија до ЕУ!“, објави Орбан.

Амбасадор на Европската Унија во земјава – Дејвид Гир, утрово и ја честиташе победата на Гордана Силјановска Давкова.

Честитки до Гордана Силјановска Давкова за нејзиниот избор за претседателка на Северна Македонија. Очекувам тесна соработка со неа за европската иднина на земјата – напиша Гир.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, пак, вели:

Честитки за новата претседателка на Северна Македонија! Со нетрпение очекувам да работиме со претседателката Гордана Сиљановска Давкова на забрзување на потребните реформи за да се придвижи напред процесот на пристапни преговори“, наведе Вархеји

Честитка стигна и од Хрватска.

„Честитки до Христијан Мицковски на убедливата изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ. Со нетрпение очекувам да продолжи одличната соработка меѓу Хрватска и Северна Македонија, чиј европски пат силно го поддржуваме. И честитам и на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова“, напиша хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека многу брзо ќе стане јасно дали таа земја сака да оди кон Европа.

Поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша преку социјалните мрежи испрати честитка до, како што вели, сестринска партија ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова за големата победа.

Честитка упати и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. „Со среќа и со ум“, вели тој.