Македонија
7. May 2024 - 16:40

Страотна сообраќајка кај скопско Влае - тројца повредени

Скопјанка е тешко повредена, а уште две лица со телесни повреди завршија на скопските клиники, по стравотна несреќа во скопско Влае. Околу 2 часа по полноќ, во близина на мостот Влајко, „шевролет“ управуван од 32-годишна скопјанка се судри со „ауди“. Со аудито управувал 27-годишник од Сарај, а со него во автомобилот бил и уште еден маж од село Љубин. 

Сител беше на местото на несреќата. Во раните утрински часови наидовме на блокирана раскрсница каде се случи несреќата. Шевролетот беше преполовен на булеварот, а аудито се наоѓаше на неколку метри од него. И по седум часа од несреќата, екипите беа на терен и работеа на местото на настанот.  Граѓаните, видно вознемирени пред камерата на Сител обвинуваат дека владее сообраќајна некултура. 

Експертите сметаат дека минуваме во турбулентен сообраќаен период поради зголемувањето на температурите.

Велигденсите празници резултираа со повеќе сообраќајки. На 4. Мај, во сообраќајка кај Радовиш две лица го изгубија животот. А понеделникот по Велигден беше фатален за едно семејство од Скопје. Во сообраќајка кај селото Крупиште загина 39-годишен маж, а неговата сопруга и две деца завршија во болница.