Македонија
28. March 2024 - 19:52

Тројца приведени за убиството на матичниот доктор кај поликлиниката Железара – мотивот се уште непознат

Уште еден приведен за убиството на матичниот доктор на паркингот пред Поликлиниката Железара.

Ова доаѓа откако вчера вечерта полицијата вршеше претреси и приведе двајца.

- Приведени се вкупно три лица.Претресот е завршен во доцните часови. Се продолжува со други истражни дејствија, се со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Така што, за нови дополнителни информации, јавноста ќе биде дополнително известена, рече Тошковски, одговарајќи на новинарско прашање во Струмица.

Според неофицијални информации, сите тројца се од македонска етничка припадност и живеат во околината на местото каде беше пронајдена сребрената „киа рио“. 

Истражните органи сега ги чекаат вештачењата на материјалните докази, но сите тројца се водат за осомничени.

Мотивите за убиството се уште не се докрај јасни, но вчера техничкиот министер за внатреши рече дека според првичните информации, мотивот не е поврзан со неговата професија.

Истражителите досега прегледале повеќе од 50 видео записи од безбедносни камери, а презеле 20 истражни дејствија. 

Пред точно недела, околу 23:00 часот, матичниот доктор Ацо Трповски беше пронајден мртов со девет убодни рани на паркингот пред Поликлиниката Железара. Го нашле неговите синови кои почнале да го бараат откако не се вратил дома во предвиденото време.