Македонија
5. March 2018 - 15:54

УХМР очекува високи водостои на реките и во следните денови

Последните информации од хидролошките станици покажуваат дека се уште има блага тенденција на зголемување на нивото на реката Вардар кај Јегуновце и Радуша. 

- Со овој појавен водостој на хидролошката станица Јегуновце, според наши сознанија и пресметки возводно има појава на излевања. Поради овие излевања се очекува стагнација на водостојот поради разлевање на водите по земјоделските површини, па се очекува пропагацијата на водниот бран по текот низводно да забави, велат од Секторот за хидрологија при УХМР. 

Зголемување на водостојот има и на реката Пчиња кај Катлановска Бања и на реката Вардар кај Велес и се очекува овој тренд да продолжи во текот на денот.

Намалени водостои има на реката Црна и Треска и тоа кај Новаци нивото е намалено од 274 на 268 сантиметри, а кај Македонски Брод од 215 на 202 сантиметри. Намалувања на водостојот има на реката Црна кај Доленци, Боротинско Блато кај Боротино и други водотеци, но водостоите се сеуште високи. 

Најавените нови врнежи во следните 24 часа се очекува во одредени сливни подрачја да предизвикаат дополнителен притисок врз водотеците и суводолиците.

- Очекуваме и понатака високи водостои и поради опасноста од локални излевања предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците низ Македонија, а особено во горните текови и сливни подрачја на реките Вардар, Треска, Црна со нивните притоки, реката Радика со притоките и Пчиња долен тек, информираат од УХМР.