Свет
24. January 2016 - 10:33

Во несреќа на туристички брод во Никарагва, 13 мртви

Туристички брод со 32 туристи поради лошото време потона близу никарагванскиот брег на Карипското Море, при што загинаа 13 лица, соопштија денеска локалните власти.

Сите загинати биле државјани на Костарика, посочи командантот на никарагванската морнарица, задолжен за подрачјето на јужните Кариби Марио Бериос.

Налетите на силен ветар и интензивен дожд беа причина да потоне бродот „Кралица на Карибите“.

Од 32 патници на бродот, 25 биле од Костарика, четворица од САД и тројца од Никарагва, а повеќето од 13-те жртви се жени. Останатите 19 туристи се спасени.

Капетанот и сопственикот на бродот се приведени во полиција, затоа што пловилото не смеело да плови за време на невремето, кое на тоа подрачје траело повеќе дена.