Ракомет
16. March 2024 - 10:50

Еурофарм Пелистер се засили со хрватскиот голман Филип Ивиќ

Ден откако договори соработка со македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски, актуелниот шампион Еурофарм Пелистер соопшти попладнево дека ја засили голманската позиција и со искусниот 31-годишен Хрват, Филип Ивиќ.

„Ни претставува особено задоволство што повторно во дресот на Еурофарм Пелистер ќе игра хрватски репрезентативец. Голманот со големо интернационално искуство, Филип Ивиќ, е нов член на нашиот клуб“, се наведува во клупското соопштение.

Хрватскиот репрезентативен голман Ивиќ доаѓа во Битола како слободен ракометар од францускиот Шамбери, а со Еурофарм Пелистер потпиша договор на една плус една година.

Ивиќ, висок 195-сантиметри, кариера ја почна во Загреб, по што ги бранеше боите на полскиот Киелце, бундеслигашот Гумерсбах, словенечкиот Целје Пивоварна Лашко и на Шамбери. Ивиќ долги години го носи дресот на националниот тим и настапи и на последното Европско првенство во Германија. 

Официјалното претставување на Ивиќ во Битола е предвидено на крајот на мај.